Шилегов е нов претседател на ЗЕЛС, Јанчев и Ганиу заменици

29 ноември, 2017 | 15:58 часот | 253 прикажувања |

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска е избран за нов претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци и Висар Ганиу, градоначалник на Чаир ќе бидат заменици на Шилегов.

На денешната седница на Генералното собрание денеска не присуствуваа градоначалниците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а освен претседателот и замениците беа избрани сите тела на ЗЕЛС.

Шилегов посочи дека оваа функција ја доживува како одговорност повеќе и нагласи дека приоритет ќе биде продолжување на процесот на децентрализацијата, како и подобрување на финансирањето на општините со цел тие да добијат што поголема економска и финансиска самостојност.

„Тоа би значело дека процентот на средствата коишто се трансферираат од ДДВ кој во овој момент изнесува 4,5 проценти и персоналниот данок на доход кој изнесува 3 проценти во полза на општините би требало да се зголемуваат, како и д се среди делот од финансирањето на општините од блок-дотациите коишто централната власт ги префрла за потребите на општините на нивните сметки. Сето ова ќе овозможи поголема самостојност на општините во рамките на нивното финансиско функционирање со цел услугите кои единиците на локалната самоуправа и општините ги даваат на граѓаните да бидат на повисоко ниво што е всушност заложба на сите нас во текот на изборните кампањи“, рече Шилегов.

фото: МИА