Формирана Македонска банкарска асоцијација, Коста Митровски избран за претседател

20 април, 2018 | 13:52 часот | 149 прикажувања |

Во Скопје денеска се одржа Основачко собрание на Здружение за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење, Македонска банкарска асоцијација.

Здружението на банкарството, делувајќи како стручен облик на организирање и работење во рамките на Стопанската комора на Македонија, во досегашниот период оствари значителни резултати во унапредувањето на најдобрите банкарски стандарди во Република Македонија, тргнувајќи од интересите на сите негови членки како и интересите на финансискиот систем и економијата на Република Македонија.

Како придружен член во Европската банкарска федерација со перспективи за полноправно членство во рамките на процесот на евроинтеграции на Република Македонија, Здружението на банкарство имаше неминовна потреба од трансформација во самостоен правен субјект по примерот и искуствата на сите останати земји, како од ЕУ, така и од нашиот регион. Здружението на банкарството го продолжува своето работење како самостоен правен субјект, Здружение за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење Македонска банкарска асоцијација.

Основачи на Македонската банкарска асоцијација се правни лица – 15 банки и 2 штедилници основани во Република Македонија, кои работат согласно одредбите од Законот за банките и поединечните акти донесени од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

За претседател на Македонската банкарска асоцијација во наредниот 4 годишен период едногласно беше избран г. Коста Митровски, Главен извршен директор и претседател на управен одбор на Универзална Инвестициона банка АД Скопје.

За заменик-претседател беше избран Тони Стојановски, генерален директор за управување со ризици и член на управен одбор на Стопанска Банка АД Скопје.