За старото име на Свазиленд и новото на Македонија

20 април, 2018 | 11:47 часот | 1.496 прикажувања |

Ако во светските медиуми изминатите две и пол децении, спорот за името (но и тешкотијата ова прашање едноставно и пластично да му се објасни на некој странец-лаик) беше причината број 1 за промоција на нашата земја надвор од Балканот, деновиве и во таа исклучителност, добивме сериозен конкурент.

Се работи за малата африканска држава Свазиленд, лоцирана на крајниот југ од црниот континент, во „сендвич“ меѓу Мозамбик на североисток и Јужна Африка на север, запад и југ. Земјата и народот кој ја населува, Свазијците, го добиле своето име по Мсвати II, кралот од XIX век под чија власт територијата на Свази се проширила и обединила.

Она што последната апсолутистичка монархија во Африка ја стави во центарот на светското внимание вчера е информацијата дека сегашниот крал на Свазиленд, Мсвати III, најавил дека ќе го менува официјалното име на земјата во Кралство еСватини (eSwatini), по цели 50 години од стекнување на независноста од Британците. Есватини на локалниот свазијски јазик значи „земја на Свазијците“.

Иако промената не била очекувана, кралот Мсвати со години го користи името еСватини наместо Свазиленд. Името еСватини било користено и за време на обраќањето на кралот пред Генералното заседание на Обединетите нации во 2017 година. Веста за промена на името кралот ја соопштил на спортскиот стадион во вториот по големина град Манзини: „Би сакал да ви соопштам дека Свазиленд го враќа своето оригинално име“, рекол Мсвати, облечен во црвена војничка униформа.

Како еден од аргументите во полза на промената на името, Мсвати истакнал дека кога оди во странство, луѓето честопати ја нарекуваат неговата земја Switzerland (Швајцарија), наместо Swaziland. Според Би-Би-Си, одлуката за промена на името разбеснила поединци во Свазиленд кои сметаат дека кралот би требало повеќе време да посвети на економијата. Од друга страна пак, досегашото име Свазиленд многумина ги потсеќа на британската окупација, бидејќи самото име е кованица од свазијски и англиски.

Тука некаде може да ја утврдиме „нашата врска“ со оваа географски и културолошки далечна африканска држава. Во проблемот и забуната со името. Со таа разлика што Свазиленд, по примерот на неколку други поранешни британски колонии во Африка како Боцвана, Зимбабве и Малави, иако со задоцнување од 50 години го враќа своето историско име пред британската окупација на земјата. Во период од половина век, земјата се зачленува во Заедницата за развиток на Јужна Африка (SADC), Африканската Унија, Комонвелтот и Обединетите нации. Но покрај овој важен исчекор за една мала земја во меѓународната политика, нејзините жители се уште имаат големи проблеми со стапката на заболени од ХИВ и туберколоза, која е една од највисоките во светот, огромниот степен на сиромаштија и најнискиот животен век во светот – жителите на Свазиленд во просек живеат 49,18 години.

Република Македонија од прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година до денес е соочена со мачни и ултимативни преговори, не по своја вина и волја да преговара за сопственото име и правото да го користи во надворешната комуникација со светот. И ако една африканска земја по цели 50 години решава да го врати името под кое била историски позната пред владеењето на Британците, нашата држава е соочена со поголем апсурд, без преседан во историјата: доброволно да го смени името за меѓународна (за нашиот сосед пожелно е и за внатрешна) употреба, со цел да се направeла јасна разлика меѓу државата Македонија и истоимената област во Северна Грција.

Цената за овој скап и болен компромис е отворањето на „златните врати“ на Европската Унија и НАТО Алијансата, организации кои се стратешки определби на македонската држава уште од најраните години на нејзината независност. Ако се суди според последната изјава на шефот на македонската дипломатија Димитров дека во идеално сценарио (а такво е можно, со оглед на ултразасилената динамика на средби и преговори) решение за името ќе има во следните два до три месеци, тогаш се поизвесно е дека Македонија ќе се скраси со ново, „модерно и географско име“ кое ќе направи „јасна дистинкција“ меѓу „нашата земја и регионот во Грција“.

И тука повторно доаѓаме до Свазиленд и проблемот на оваа земја со името. Прашањето кое легитимно може да го поставиме е дали ако една мала африканска земја чекала 50 години за официјално да го врати своето историско име, колку ќе ѝ требаат на Македонија да се избори во светот да биде нарекувана со името по кое била препознавана во својата историја и со кое се нарекувале генерации Македонци. Дали со болниот компромис за влез во НАТО и Европската Унија ја запечатуваме приказната околу името Македонија засекогаш или пак по некој чудна и первертирана логика (налик на случајот со Свазиленд), токму нашето интегрирање во овие две најмоќни светски политичко-воени организации може да биде од полза и во одбрана на нашето право на името Македонија на долги патеки.

Одговорот ќе го дознаеме за скоро време, но во меѓувреме добро е да се имаат предвид зборовите на легендарниот Џорџ Орвел: „најефективниот начин да се уништат луѓето e да им се негира и да им се избрише нивното сфаќање на сопствената историја“.

 

 

 

 

 

Пишува: Павел Донески,
главен и одговорен уредник на Македонија 365