Могерини: Поминавте долг пат и се вративте на вистинската патека

18 април, 2018 | 21:39 часот | 329 прикажувања |

Високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини денеска престојува во македонскиот главен град каде што се сретна со премиерот Зоран Заев.

Таа беше пречекана од македонскиот премиер, а потоа имаа заедничка прес-конференција на која Могерини испрати порака дека Македонија се вратила на вистинската патека кон ЕУ, но дека нема многу простор за славење, бидејќи има уште доста работа.

„Поминавте долг пат и се вративте на вистинската патека. По проценката што ја направија европските комесари, му препорачавме на Советот отпочнување на преговорите. Можете да славите половина ден, а потоа да се вратите назад на работа“, рече Могерини.

Таа додаде дека за безусловната препорака не е само заслужна Владата на државата, туку и граѓаните и опозицијата.

Шефицата на европската дипломатија забележа дека има напредок за разлика од пред година дена кога била во Скопје, но смета дека следно ниво е спроведувањето на реформи.

„Има време и времето треба да се искористи соодветно, мудро и храбро. Изминативе месеци беа преземени чекори кои претходно не можевме ниту да ги замислиме. Јас сум балкански оптимист што ме квалификува да бидам глобален оптимист“, порача Могерини во однос на решавањето на спорот за името до европскиот самит во јуни.