Отворен ЕКСПО на Дигиталниот самит на Западен Балкан

18 април, 2018 | 21:19 часот | 252 прикажувања |

Во рамките на дводневниот регионален настан „Дигитален самит на Западен Балкан“, денес беше отворено Експо, како можност за домашните, регионалните, интернационалните компании, но и локални старт-ап фирми да се претстават пред публиката и да ги презентираат своите можности за понатамошниот дигитален развој, кој е суштински дел од европскиот интегративен процес на земјите од Западен Балкан.

На отворањето присуствуваа официјалните делегации на земјите од Западен Балкан, а домаќин на целата делегација беше Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

На официјалното отворање се обратија министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Горан Сугарески, Јован Деспотовски од Фондот за иновации и технолошки развој, и Џејмс Макбет Форбес, директор на Друштвото за Германска Интернационална Соработка (ГИЗ) за Македонија и Косово.

Министерот Сугарески истакна дека имплементацијата на нови електронски системи во доменот на транспортната дејност е поттикната од потребата за создавање подобри услови за развој на транспортните компании како и за зајакнување на транспарентноста со управувањето со јавните услуги.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, во своето обраќање го претстави новиот јавен повик „ПристАПП транспорт“ организиран заедно со Министерство за транспорт и врски, кој ќе се спроведува од денеска до 20 мај 2018, а се однесува на финансирање на софтверски решенија за електронско аплицирање на транспортните компании и управување со процесите за здобивање на дозволи и решенија преку електронски систем од страна на Министерството за транспорт и врски. Јавниот повик се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија кои работат со информациски технологии, и кои можат да аплицираат поединечно, или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност, како и со претпријатија или здруженија.

Џејмс Макбет Форбес, директор на Друштвото за Германска Интернационална Соработка (ГИЗ) за Македонија и Косово, ги истакна потенцијалните негативни апекти во процесот на развој на дигитализацијата со кои може да се соочат земјите од Западен Балкан и напомена дека едукацијата за надминување на овие потенцијални препреки е примарна, како и дека ГИЗ во рамките на германската развојна соработка во Регионот, поддржано од Сојузното Министерство за економска соработка и развој (BMZ), е подготвено да помогне на тоа поле. Тој исто така го најави старт-ап кампот кој ќе се одржи во рамките на Експото.

Експото е отворено за македонската публика во текот на денешниот и утрешниот ден. Влезот е бесплатен.