Заев: Ова е нов, поволен ветер за идните заеднички остварувања

17 април, 2018 | 18:19 часот | 272 прикажувања |

По повод Извештајот на Европската комисија и безусловената препорака за почеток на преговорите за Македонија со ЕУ, премиерот Заев одржа прес конференција на која истакна дека денешниот ден е еден од оние денови кога сите граѓани на Република Македонија можат да бидат горди, без исклучок.

„Денеска стигнавме, сите заедно, до една од најважните, темелни, одредници на патот до целосното остварување на нашите стратешки цели. Денеска сме чекор поблиску до членство во Европската Унија и до достигнување на економските стандарди на Европската Унија. За сите граѓани на нашата земја“, рече Заев.

Тој потсети дека во својот извештај до Европскиот Совет на ЕУ, Европската Комисија предложи кристално чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за Република Македонија.

„Во изминатите два Извештаи на Европската комисија, заради длабоката политичка криза и заради „заробената држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена со одржување на фер и демократски избори, со имплементација на договорите од Пржино и на препораките на Прибе, односно со обезбедување слобода, демократија и реформи. Оваа година, препораката е чиста и безусловна, а тоа значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во членство во ЕУ“, рече премиерот.

Според него ова значи дека политичката криза е зад нас, дека Европската Унија со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси во нашата земја и дека сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална демократска држава.

„И еве, соодветниот одговор стигна денеска. Комисијата ни оддаде признание, ни потврди дека сме на вистинскиот пат и ја отвори вратата за европска Македонија. 17 април е голем ден и датум. Ова е ден кој ќе биде запишан на светлата страна на поновата политичка историја на Република Македонија.Никој да не се сомнева. Најголемата заслуга за овој напредок, за ова успешно спроведување на реформските процеси и ова препознавање на вредноста на реформите ја имаат граѓаните на Република Македонија“, нагласи Заев.

Како што рече, Владата посветено и одлучно ги сработила реформите. Посочи дека одлуката „да се стави крај на една штетна, погубна политика“ и да се отпочне „нова реформска и прогресивна страница на нашата иднина – ја донесоа граѓаните“.

„Граѓаните се бореа за демократија, напредок, слобода и правда. Тие избраа нова власт и ја задолжија оваа власт да спроведе итни реформи. Власта послуша и се фати за работа. Граѓаните потврдија дека многу добро знаат зошто е важно чекорењето на Република Македонија кон ЕУ. Граѓаните знаат дека со овој наш процес на приближување и зачленување во ЕУ обезбедуваме европски стандарди во работата на институциите, а тоа значи подобри услуги, подобри сервиси за граѓаните“, рече првиот човек на Владата.

Заев рече дека Македонија ќе добиела препорака за отпочнување на преговорите дури и ако опозицијата не се вратеше во Собранието.

„Но, го направија вистинскиот чекор. Со враќањето покажаа дека навистина има нова политичка клима во Македонија и дека не се заборавени државните интереси. Затоа ова е успех и на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го продолжиме процесот за градење консензус по сите клучни прашања како што успеавме да постигнеме согласност за неколку пакети реформски закони за следење на комуникациите и судските реформи Еден дел од тие пакети заедно ги изгласавме во парламентот. Верувам дека така ќе продолжиме и за другите закон и теми од национален интерес“, рече Заев.

Според него, власта покажала дека е инклузивна, дека прифаќа различно мислење. Опозицијата покажа дека е свесна за сопствената одговорност, и дека прифаќа различни аргументи.

Го нотираше придонесот и на БЕСА, Алијансата за Албанците и Демократската партија на Албанците.

Премиерот рече дека ова е нов, поволен ветер за идните, заеднички остварувања.

„Во тој дух на искрена надеж и посветеност разговараме со нашиот сосед Грција. Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име. Сакаме за брзо време да го решиме овој спор и за навек да го затвориме и ова прашање.Извештајот на Европската Комисија, е извештај создаден од нашите искрени партнери и сопатници низ сите овие години и премрежија. Извештајот содржи јасни насоки до отворената врата на ЕУ“, рече Заев.

Посочи дека сега е време сите да се вложат уште посилно во евроинтеграциите.

„Сега е време да се истакне креативноста и одлучноста на Македонците, на Албанците, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други, за да покажеме дека во единството на различностите делиме европски вредности“, додаде премиерот Заев на денешната прес конференција по повод извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.