Шекеринска во мај на средба со секретарот за одбрана на САД

17 април, 2018 | 13:26 часот | 38 прикажувања |

Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска на 1-ви мај во Вашингтон ќе има официјална средба со секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис.

Како што соопштуваат од ресорот одбрана, на средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД. Значењето на средбата е уште поголемо бидејќи се случува во пресрет на самитот на НАТО, во јули во Брисел.

Средбата се реализира во рамките на посетата на министерката Шекеринска на САД која започнува на 26-ти април и ќе трае до 2-ри мај. Во рамките на посетата, министерката ќе се сретне и со заменик- помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер а ќе има и средби во американскиот Стејт Департмент, Сенатот и Конгресот.

Министерката во Вермонт ќе се сретне и со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал- мајор Стивен Креј. Армијата на Република Македонија има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како наш партнер во реформите и развојот на вооружените сили.