Родителите на убиените бараат од Заев транскрипти за „Монструм“

17 април, 2018 | 13:16 часот | 59 прикажувања |

Чии се петте телефонски броеви кои се заведени како државна тајна, а преку кои било комуницирано со обвинетите во случајот „Монструм“, праша во судницата таткото на едно од убиените момчиња, Горан Наќевски. Рече дека премиерот Заев на родителите им покажал транскрипт од разговор воден помеѓу функционерот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири, и побара судот да издаде налог за претрес во седиштето на СДСМ, за каде се сомнева дека се кријат доказите, но и ако треба стражарно да го донесе Заев во судница за родителите да се соочат со него и да се потврди дека ја зборуваат вистината, објави МРТ.

„Шест години фамилиите се во неизвесност. Шест години размислуваат зошто е тоа направено, кој го направи, па толку време помина, а не може да се дојде до една суштинска главна разрешница“, изјави Дафинка Ивановска, адвокат на семејствата на жртвите.

Одбраната вели оти не знае дека вакви снимки постојат. Но, и доколку ги има- тие разговори биле приватни.

„Би сакал разговорот да биде објавен, без разлика што велат дека е со посебни истражни мерки. Мене не ми пречи затоа што знам дека брат ми е невин“, вели Бедри Азири, брат на обвинетиот Фејзи Азири.

Процесот го презема Специјалното обвинителство, но рочиштето се одложи, затоа што еден од обвинетите бил хоспитализиран на Клиниката за пулмологија.

„Ја поднесов до судот и лекарската документација дека тој е хоспитализиран на ЈЗУ Клиника за пулмологија. Тоа е секако последица на шестгодишниот неоснован притвор против обвинетиот“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

„Верувам дека СЈО ќе ги искористи сите човечки, технички и материјални ресурси за да ја утврди вистината“, изјави Фатиме Фетаи, обвинител во СЈО.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро шестмина беа осудени на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам, но во ноември минатата година Врховниот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно одлучување.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои МВР ги бара преку потерница, сè уште се недопстапни на органите на прогнот.

извор: МРТ