Груевски: За Македонија беше среќна околност што ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше во економската криза

17 април, 2018 | 11:57 часот | 581 прикажувања |

Интересно е во овие 27 години независност на Македонија, годините на светски и европски раст на економијата најчесто се поклопуваше со владеењето на СДСМ и нивните мандати и обратно, ВМРО-ДПМНЕ ја имаше таа несреќа и истовремено чест, да ја води Македонија во кризни економски години во светот или Европа. Тоа беше среќна околност за Македонија, пишува на својот фејсбук профил, екс лидеорт на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.

„Еве на пример сега. Светската економија расте. Европската економија силно расте. Но, колку треба да имаш промашени економски политики, да секогаш кога светската или европската економија растат, Македонија да е на дното по економски раст. И колку треба умешност и знаење, кога светската и европската економија опаѓаат и кризираат, Македонија да е на самиот врв по висината на економскиот раст во Европа. Сега БДП или поедноставно кажано, економијата во земјите во Европа расте во многу земји и по 4, по 5 па и повеќе проценти, а ние кризираме околу нулата и сме во групата на три земји со најнизок раст“, вели Груевски.

Како што вели Груевски и во 2009-та кога се почувствува колуминација на светската финансиска криза, Македонија имала трет најдобар резултат во Европа.

„Тој резултат всушност беше минорен пад, во услови во кои на пример Словенија имаше пад од 5.5 проценти од БДП. Сега, Словенија има раст околу 5.5 проценти, а ние се тетеравиме околу нулата. На што се должи ова? Ако го прашате Заев или СДСМ, се знае кој е одговорот: па на Никола Груевски се должи. Нели јас сум крив за се сега. А зошто? – Така!!! Затоа што за ова патолошки опседнато со мене и фрустрирано водство на СДСМ, веројатно крив сум што сум жив“, пишува екс премиерот.

Неработењето и неспособноста на новата Влада, како што вели, најмногу доаѓа до израз кога ќе се спореди со претходната.

„Нивното неработење и неспособност, најмногу доаѓаат до израз кога ќе се споредат со нас, со ВМРО-ДПМНЕ и со нашите резултати. А знаете што треба да биде македонската економија во време кога најмоќните европски земји и Америка економски растат: преплавена со нови нарачки за производство за извоз на економските партнери во Германија, Англија, Франција, Белгија, САД итн… Преплавена!!! Да не може да постигне. Тоа значи и нови вработувања и влијание на сериозен и реален раст на платите на веќе вработените, а не во вакво време да треба да штимате статистики за да прикажете повисока просечна плата. Преплавена и со странски инвеститори кои заради зголемениот број на работа и нарачки бараат локации за брза изградба на погони за производство за да ги реализираат своите веќе склучени договори за продажба. Тоа уште повеќе значи нови работни места и реален притисок за пораст на платите на веќе вработените“, додава Груевски.

Според него, сегашната владејачка гарнитура „се занимава со глупости“.

„Најголем успех на градоначалникот на Скопје му е што го тргнал споменикот на македонскиот војвода Ќосето и две недели оди насмеан и горд заради тоа, наместо во овие три месеци владеење да донесеше и сместеше во Скопје барем 5 нови гиганти од автомобилската, фармацевската или ИТ индустријата. Се занимаваме со тоа колку ручеци изел Заев, а колку министерот за економија и дека демек тие помалку јаделе од некој друг. Се занимаваме со ситење, што дел поранешното раководство на ВМРО го влечкаат секој ден по судови за фабрикувани случаи и со апла наместени судии на СДСМ да ни судат. Се занимаваме со тоа дали од оградата на владата ќе правиме клупи или што би рекол Амди Бајрам – сапун. Се занимаваме со апсења на невини граѓани кои протестираа за унитарноста на Македонија. Се занимаваме со лаги на премиерот дека се отворила нова фабрика Санос која секојдневно ќе произведува и извезува автобуси низ цел свет. А зошто да се лажеме, кога може со малку труд и посветеност на енергијата на позитивни нешта, не една, туку три или пет такви да донесеме или помогнеме да реално се создадат и работат, произведуваат автобуси… и вработуваат невработени“, вели поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што посочува, се занимаваме од шупло во празно и се занимаваме со судски реформи од кои нема да има никаква корист, бидејќи нема судски реформи за главите на политичарите и судиите, бидејќи од таму се проблемите, а не толку од законите.

„Се занимаваме со незаконско носење на неуставни закони за употреба на јазиците, невешто и недостоинствен начин за изнаоѓање на решение за името и со зголемување на даноците. Штета“, напиша Груевски на својот фејсбук профил.