Иванов: Нема ништо потрагично од меѓумакедонски судир

28 ноември, 2017 | 20:07 часот | 2.375 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге вечерва имаше јавно обраќање по повод денешното приведување на 36 лица под обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела“, рече претседателот Иванов.

Тој посочи дека ја поддржувал и сега ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која повеќе од два ипол месеци, на мирен и достоинствен начин ја искажувала грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација, рече Иванов.

Претседателот информираше дека до него секојдневно пристигнувале информации и рече дека е загрижен  за политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи.

„Во услови кога не очекува исполнување на многу превземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите. Со реваншизам и демонстрација на сила, се генерира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси“, рече Иванов во своето обраќање.

Тој повика на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија и рече дека секој е одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.

„Граѓаните на Република Македонија очекуваат решенија, а не проблеми. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните. На крајот, сакам да потсетам на нешто што го кажав изминатата година. Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале“, порача Иванов во своето јавно обраќање пред нацијата.