Јовановски: Судиите треба да направат разлика меѓу патриотизам и тероризам

28 ноември, 2017 | 17:57 часот | 279 прикажувања |

Пратеникот Крсто Јовановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот протест пред Основниот суд Скопје го повика претседателот Ѓорге Иванов да ги амнестира притворените.

„Денес се најави почетокот на крајот на демократијата во Република Македонија. 36 чесни граѓани се уапсени за тероризам“, изјави тој пред кривичниот суд, каде што се собрани членовите на опозициската партија.

Според Јовановски, не е демократија оние што се навистина терористи да се ослободени, а чесните луѓе што се притворени да се казнат за тероризам. Тој додаде дека луѓето што се внатре во судот 70 дена протестирале за демократија и слободна држава.

„Сите тие рано наутро ги оставија своите деца во солзи. Оваа власт сака да згаси сè пред себе“, рече Јовановски. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ им порача на судиите да направат разлика што е тероризам, а што патриотизам. Јовановски исто така ѝ се обрати и на полицијата што стои пред судот велејќи им да се запрашаат кого всушност чуваат, при што додаде дека ова ќе биде долга ноќ.

„Ние не сме тука за да овие полицајци да фрламе бекатон плочки и да викаме „Куманово ќе ви се деси“. Ова го прават затоа што сакаат да го спроведат нивниот мрачен план, двојазичност и смена на името на Македонија. Се надевам дека претседателот Иванов го гледа ова и од мое име и од име на сите пратеници ќе донесе одлука онаква каква што треба, каква што со Уставот на Република Македонија му се можни“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.