Дебрчани ќе го кренат гласот против изградба на депонија во Годивје

15 април, 2018 | 11:46 часот | 547 прикажувања |

Жителите на Општина Дебрца во недела, на Светскиот ден на планетата земја-22 април ќе го кренат својот глас против планот на Владата за изградба на регионална депонија во селото Годивје, дел од оваа општина.

„Дебрчани, сега е моментот! Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме“,порачуваат организаторите на протестот кој симболично е закажан во 5 до 12, во атарот на село Ботун.

Планираната изградба на депонија во Годивје се проценува да чини околу 55 милиони евра. Средствата за изградба на регионалата депонија во Годивје не се обезбедени. Југозападниот плански регион ќе мора да реши како ќе ја финансира изградбата на депонијата.

На референдумот кој се одржа на 16 октомври 2017 година, 3.149 граѓани или 68 проценти од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкот список гласаа против изградба на регионална депонија во Општина Дебрца. Против оваа одлука беше минатиот градоначалник на Дебрца Игор Трајкоски и сегашниот Зоран Ногачески.