Вечни пријатели или вечни интереси?

7 ноември, 2017 | 22:36 часот | 2.072 прикажувања |

Секој кој барем малку е запознаен со историјата на меѓународните политички односи, слушнал за познатата девиза на лордот Хенри Џон Темпл Палмерстон, британски министер за надворешни работи од XIX век (своевремено и британски премиер) со која јасно се дефинираат контурите на британската државна политика кон останатите земји од светот. Имено, во 1848 година, лордот Палмерстон ја сублимирал британската национална политика во следната мисла: „Ние немаме вечни сојузници, ниту вечни непријатели. Само нашите интереси се вечни и наша должност е да ги следиме тие интереси“.

Поради неговите заложби со кои ја направил Велика Британија еден од стожерните играчи во меѓудржавните односи на XIX век, неговите брилијантни аналитички способности и најмногу поради неговата определба за заштита на британските национални интереси, лордот Палмерстон оправдано се смета за еден од најдобрите министри и премиери што некогаш ги имала Велика Британија. Политичката кариера ја започнал како член на ториевската партија, подоцна станал виговец, за на крај да заврши како дел од новоформираната либерална партија. Оттука, не случајно неговите современици за него ќе речат дека „Палмерстон е конзервативец дома, а либерал надвор“.

За тоа колку самите Британци го почитуваат овој корифеј на нивната надворешна политика говори и една анегдота која ја раскажал премиерот Вилијам Гледстоун (за нас познат и по девизата: „Македонија на Македонците“). Еден Французин, сметајќи дека со тоа му дава претеран комплимент му рекол на Палмерстон: „Ако не бев Французин, би сакал да бидам Англичанец“. На ова, Палмерстон му одговорил во негов препознатлив стил: „Ако не бев Англичанец, би сакал да бидам Англичанец“.

Но, што е она што македонската надворешна политика може да го научи од еден политички гениј како Џон Темпл Палмерстон и особено од негово сфаќање за државната политика која една земја треба да ја води кон своите соседи и останатите земји од светот?

Појдовна точка од која треба да тргнуваат сите наши официјални претставници, мора да биде исклучиво националниот интерес на државата, а не млак и несигурен настап, притоа обидувајќи се да бидат „фер и еднакви“ со сите соседи, несаќајќи со тоа „да повредат нечие чувство“. Во тој контекст, нашата дипломатија е должна многу поостро и поодлучно да реагира секогаш кога со одредена изјава, настан или дело ќе се повреди или уште повеќе, негира достоинството на државата и нејзините граѓани. Ова дотолку повеќе што само во изминатите три години на длабока политичка криза и поделеност во општеството, бевме сведоци на недозволиви изјави, недопуштени мешања во нашите внатрешни работи и медиумско хушкање (најмногу од медиумите од соседството) на и онака зовриената состојба која владееше во земјата.

Пред да бранат партиски и лични ставови и секојдневно политички да поентираат, најголемите македонски политички партии конечно мора да се обединат околу една заеднички прифатлива национална стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани нашите црвени линии од кои ниту една влада, а уште помалку партија или поединец ќе отстапува: заштита на уставното уредување на државата, заштита на нејзините државни симболи и заштита на македонскиот јазик и идентитет како суштински обележја на државотворниот народ. За приоритетноста на овие стратешки прашања е недопустливо да имаме различни (честопати и дијаметрално спротивни) толкувања на главните политички актери, зашто така само се поткопува нашата позиција во кои било преговори, особено со нашите соседи.

Дополнително, секоја калкулација со овие национални интереси, нивно доброволно ставање на зелена маса, релативизирање на нивната вредност ќе биде погубно и за државата и за достоинството на нејзиниот народ. Не постојат „повисоки интереси“ од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси, кои директно би биле на штета македонските национални интереси. Уште помалку треба истите компромиси да ни се продаваат како мудри, храбри и државнички одлуки, само затоа што за нив така се изјасниле некои бриселски бирократи. Македонските политичари и официјални претставници на државата одговорноста ја сносат пред граѓаните од кои се избрани, а не пред странските амбасади и центрите на моќ.

Оттука, во духот на Палмерстоновата девиза, политичките елити во Македонија конечно мора да сфатат дека независно од нашите децениски прозападни стратешки определби за членство во ЕУ и НАТО и желбата за стабилни добрососедски односи, секој политички чекор како држава треба да се води во согласност со нашите вечни национални интереси, а не според желбите и очекувањата на нашите времени пријатели. Само така може да му покажеме на светот дека сме достоинствени како народ да имаме сопствена држава со сите нишани. Во спротивно, преговарајќи за она за кое не се преговара и прифаќајќи компромис за бескомпромисното, (о)стануваме „општество на мекоумни луѓе кои си ја купуваат сопствената духовна смрт на рати“.

Пишува: Павел Дoнески
Авторот е дипломиран политиколог