Димитров и Коѕијас од Охрид: Има напредок, но остануваат тешките прашања

12 април, 2018 | 14:01 часот | 705 прикажувања |

Постигнат е напредок за дел од прашањата кои се веќе созреани, а за дел се уште постојат разлики, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба во Охрид со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, пренесе МИА.

Димитров кажа дека имале отворени и искрени разговори и оти првпат станало збор за временската рамка и за чекорите како да се имплеменира евентуалниот договор.

„Ова беше разговор без надмудрување со големо разбирање за потребите на другиот и нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој притоа кажа дека истовремено се одржала и средба на работните групи на двете министерства, составена од високи дипломати, кои врз основа на напредокот од разговорите во Виена практично го усогласиле текстот за идната соработка во различни области. Дипломатите работат и на текст за спречување на иреднетизмот од двете страни и на делови од преамбулата на евентуалниот билатерален договор.

Коѕијас, од своја страна, потврди дека е направен напредок и на ниво на министри и на ниво на работни групи.

„Има напредок. Колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но тоа се најтешките. Денеска направивме позитивен чекор и се надеваме дека ќе направиме тешките проблеми да станат полесни. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата“, рече Коѕијас.

За денешните разговори, Димитров и Коѕијас ќе ги информираат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Најавија дека процесот продолжува и оти ќе имаат можност повторно да се сретнат на 3 и 4 мај во Солун, а потоа и на 11 и 12 мај. Во меѓувреме остануваат во контакт, и како што посочија, штом има нешто конкретно ќе ја информираат јавноста.

извор: МИА