ФОТО: Ова се најистакнатите политичари во светот од македонско потекло

13 април, 2018 | 19:09 часот | 2.650 прикажувања |

Советници, градоначалници, пратеници, амбасадори – ова се профилите на најистакнатите политичари во светот кои имаат македонско етничко потекло. Тие се прва, втора или трета генерација на македонски иселеници во државите во кои живеат, а со својот личен кредибилитет се избориле да бидат претставници на нивните локални заедници и држави.

ФРАНЦИЈА

Лилјана Танги е родена во Панчево, СФР Југославија. Нејзиниот татко е Македонец, а нејзината мајка е Хрватка. Родителите на Танги емигрирале во Франција уште во 60-тите години. Таа дипломирала на политички науки и владеење во Париз, во 1990 година, по што магистрирала на економија и на меѓународни односи, пренесува МРТ.

Во движењето на Емануел Макрон стапува во април 2016-та година, а на 18-ти јуни е избрана за пратеничка од седмата изборна единица со 62,5 отсто од гласовите, како кандидат на новоформираната партија Република во движење. Со тоа, таа станува прва по потекло Македонка, пратеничка во француското Собрание.

Во француското Национално собрание таа е член на Комисијата за надворешни работи и на Комисијата за европски прашања во која ја извршува функцијата заменик-претседател. Истовремено, Лилјана Танги не случајно е и претседател во француското собрание со групата за пријателство Франција-Хрватска и заменик претседател на групите за пријателство Франција-Македонија, Франција-Босна и Херцеговина и Франција-Србија.

Лилјана Танги е вистински поборник за Македонија и воопшто за целиот Западен Балкан и неговата интеграција во Европската Унија, а како блиска до претседателот Емануел Макрон, таа може да го прави тоа и изворно да го информира за овие земји.

Кристоф Најдовски е син на битолски имигранти роден во Париз. Тој денес е заменик градоначалник на Париз, задолжен за транспорт, патишта и јавен простор. Најовски нa на локалните избори во 2013 година беше на листата за партијата Екологија Европа-Зелени за Париз и успеа да освои доволно гласови за да го продолжи својот мандат на советник во париската општина, овој пат со новата градоначалничка од редовите на социјалистите Ан Хидалго. Во 2008 година тој беше исто така советник во општината на Париз.

Тој е единствен политичар во Франција што се кандидирал за толку висока функција, а можеби и во Западна Европа, кој е со потекло од Македонија.

„Можеби јас сум првиот политичар, тоа ми дава извесна гордост, но и извесна одговорност кон земјата од каде потекнувам – Македонија. Тоа ми дозволува да им порачам на оние кои се во дијаспората и се со потекло од родители кои емигрирале во други земји дека можат да се интересираат за јавниот и политичкиот живот во градот и земјата во која сега живеат, со што можат да го подобрат животот на луѓето. Ова е и смислата на моето ангажирање во Париз“, вели во изјава за Дојче веле, Кристоф Најдовски.

Во политиката, која не е негова професија, како што вели влегол „преку екологијата“, сакајќи да биде „актер, а не гледач“.

АЛБАНИЈА

Едмонд Темелко е политичар во Албанија од македонско етничко потекло. Тој е првиот македонски градоначалник на Општина Пустец, по победата на локалните избори одржани на 18 февруари 2007 година. Во претходниот состав на Советот на општина Пустец, тој бил советник.

Темлко е еден од основачите и претседател на македонската организација „Преспа“ во Република Албанија, која тесно соработува со Светскиот македонски конгрес, ОМО „Илинден“ – ПИРИН, „Виножито“ и други македонски национални организации и партии од Македонија и дијаспората.

Ариан Спасе е дипломат од кариера, сегашен амбасадор на Република Албанија во Република Унгарија. Тој е етнички Македонец, внук на славниот албански писател со македонско потекло Стерјо Спасе, еден од најзначајните претставници на современата албанска литература и еден од најуспешните писатели од македонско потекло во Република Албанија.

Ариан Спасе претходно служел и како заменик амбасадор во амбасадата во Вашингтон, САД.

СРБИЈА

Миле Спировски бил првиот Македонец-пратеник во српското собрание, а неговиот мандат траел од 2012 до 2016 година.

Спировски влегол во Собранието на Србија како член на Демократската партија на Македонците во Србија, која била дел од коалицијата ,,Покренимо Србију“ на партијата на Томислав Николиќ „Српска напредна странка“. Спировски е роден 1956 година, а живее во Панчево, Јабука, Република Србија.

 

РОМАНИЈА

Лиана Думитреску (Крајова, 20 јануари 1973 – Букурешт, 27 јануари 2011) била романска политичарка, пратеник-претставник на Македонците во Комората на пратеници (Долен дом) во Парламентот на Романија.

Думитреску е родена на 27 јануари 1973 година во Крајова, Романија во семејство на Македонци. Во 1996 година завршила право на правниот факултет при Букурешкиот универзитет. Таа била првиот пратеник-претставник на Македонците во Комората на пратеници, односно Долниот дом во Парламентот на Романија.

Била на два мандата претставник, од кој вториот го добила со над десет илјади гласови. Покрај пратеничкиот мандат, ја извршувала и функцијата потпретседател на Друштвото на Македонците во Романија и во секоја пригода ги нагласувала своите македонски корени.

Според Думитреску, во романскиот Парламент, покрај неа, имало уште двајца Македонци кои биле подготвени за соработка. Таа се залагала за средба меѓу парламентарните групи за соработка меѓу двете земји, пришто изразувала подготвеност да иницира средби и да учествува во промовирањето на Македонија на економски план.

Починала од срцев удар на 27 јануари 2011 година. Во 2011 година била постхумно одликувана со Орденот за заслуги за Македонија од страна на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

КАНАДА

Љубомир „Луи“ Темелковски (роден на 4 октомври 1954) е поранешен канадски политичар. Тој бил пратеник во канадскиот парламент од редовите на Либералите во периодот од 2004 до 2008, претставувајќи го изборното место Оук Риџес-Маркам во Онтарио.

Темелковски е роден во Брајчино, во тогашна Социјалистичка Република Македонија. Неговото семејство емигрирало во Канада во 1968 година, кога Луи имал 13 години. Никој од семејството не говорел ниеден од официјалните јазици, но неговите родители станале вредни канадски работници чија единствена цел била да им дадат на своите деца можност за успех во новата татковина.

Луи дипломирал на Мекамастер Универзитетот во Хамилтон, Онтарио. Работел како менаџер за продажба за Freedom 55 Financial, канадска компанија за финасиски услуги. Луи и неговата жена Лорета живеат во Менхетен каде ги израснале своите четири деца. Покрај мајчиниот македонски и англискиот, Луи зборува и италијански јазик.

Мултикултурните гледишта на премиерот Пјер Трудо (таткото на Џастин Трудо) му биле инспирација на Луи. Тој верува во канадскиот мозаик, а работел како претседавач на Торонто караван фестивалот. Имал активна улога и во црковната заедница, каде бил претседател на основачкиот одбор.

Луи работел и во Владата на Онтарио, во Советот за мултикутурализам и државјанство. Во 2002 година за своите значителни придонеси во подобрување на општеството, тој бил одликуван со Златен јубилеен медал од кралицата Елизабета II. Течно говори италијански, македонски и англиски јазик. Следна лингвистичка цел му е да го подобри францускиот јазик.

Темелковски е првиот канадски пратеник од македонско потекло. Во 2004 година тој беше назначен за член во постојаниот Комитет за граѓанство и имиграција. Исто така, служел и како заменик претседател на постојаниот Комитет за меѓународна трговија.

Крис Шапарданов бил канадски амбасадор во Финска, од македонско етничко потекло. Тој влегол во јавната служба како економски истражувач во министерството за индустрија во 1986 година, а една година подоцна се приклучил на министерството за надворешни работи. Служел како дипломат во Вашингтон (двапати), Москва и Брисел со Меѓународниот штаб во седиштето на НАТО.

Во Отава Шапарданов држел повеќе позиции, вклучувајќи и служба во одделот за Русија, заменик директор на Одделот за економски самит, директор во Глобалната програма за партнерство, директор на секторот за програмски сервиси во филијалата за меѓународна безбедност и директор на канцеларијата на заменик министерот за надворешни работи.

Во 2004 година, тој бил постар аналитичар во канадско-американскиот секретаријат во канцеларијата на Тајната служба.

СОЕДИНЕТИ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ

Тим Гуглејн е можеби непознат за македонската јавност, но затоа пак бил мошне експониран во американскиот политички живот, особено како асистент на претседателот на САД, г-нот Џорџ Буш и одговорен во Секторот за односи со јавноста во Белата куќа.

Тој е веќе трета генерација во Америка на македонски доселеници. Неговиот дедо во далечната 1916 година емигрирал од Македонија.

Тим дипломирал на престижниот Универзитет за новинарство во Индијана. Уште како 12-годишно момче покажувал афинитети кон новинарството и од тие причини почнал како водител на радио емисија за млади што се емитувала еднаш неделно во сабота на мрежата ЦБС во Форт Вејн. За време на средношколските денови  Гуглејн води сопствена емисија на најголемата АМ станица во земјата. Кога се запишал на Индијана Универзитетот, тој продолжил со програмата се до 1993 година, кога започнал да работи во Сенатот. На сето ова му претходела неговата ангажираност во кампањата на Буш за претседателските избори.

Седум години по дипломирањето (1986) неговата кариера постојано ја следи нагорна линија, за да стигне до етаблираната позиција во кабинетот на претседателот и Белата куќа.

АВСТРАЛИЈА

Благојче Бил Саравиновски е првиот македонски иселеник во Австралија кој бил седум мандати избран за градоначалник на централната сиднејска општина – Рокдејл, а од септември 2017 тој е градоначалник на новата општина Бејсајд (Bayside), која настанала со спојување на општините Рокдејл и Ботани Беј.

Инаку, Рокдејл е мултинационална општина од 100.000 жители, во која што живеат десетици илјади Македонци од сите генераци, а има и многу Грци, Романци, Азијци, кои гласаат за овој  градоначалник. Многу наши уметници, ансамбли и друштва кои што претстојуваат во Австралија се гости на Рокдејл и Сиднеј, а многу градови од Македонија се поврзани и соработуваат со Рокдејл кој се нарекува и македонска општина во дијаспората.

Бил Саравиновски е првиот Македонец што станал градоначалник на општина во Австралија. Роден е во Битола а на четири годишна возраст со фамилијата се иселиле во Сиднеј, Австралија. Бил е оженет со Македонка од Кочани и имаат два сина кои го познаваат мајчиниот јазик.

Стеван Козмевски е градоначалник на мелбурншката општина Витсли која опфаќа неколку населби и приградски места и брои над 170.000 жители. Стеван Козмевски претставува гордост на големиот број иселеници од Македонија кои живеат и работат во оваа општина. Истите се организирани во повеќе иселенички организации: двете црковни општини, Св. Ѓорѓи од Епинг и Св. Петка од Мил Парк, фудбалски клуб ,,Лајлор Слога“ „КУД Светлост“ „КУД Танец“, двојазичното училиште ( англиски и македонски јазик), „Лајлор Прајмари Скул“ медиумот „Денес“ „Битолски клуб“ и многу други организации чии членови очекуваат и се надеваат дека преку македонскиот градоначалник нивниот глас погласно ќе се слуша.

Неговиот претходник, Рекс Грифин рекол дека Козмевски е „тивок постигнувач, човек кој не останува во минатото, туку гледа кон иднината и кон она што може да се направи“.

Козмевски со своите родители заминал во Австралија на седумгодишна возраст уште во далечната 1965 година. Татко му Атанас е со потекло од Средно Егри, а мајка му Кристина од Присојани-битолски села. По преселбата во Австралија Козмеви живееле во Ричмонд, а подоцна во 1969 година Стеван Козмевски се преселил во Томастаун. Денес има две деца Елизабет и Дејвид. За првпат е избран за општински претставник во 1997 година.

Џим Биволцис е роден во северниот дел на Грција, во селото Нерет, кое има долга македонска историска традиција. Во Австралија го однеле како мало дете неговите родители Ристо и Фана, а воедно е и прв член на неговата фамилија ,кој завршил високо образование. Дипломирал на Универзитетот за уметност на Западна Австралија и многу години работел за водечки финансиски институции како што се Националната банка на Австралија, АМП.

Кон средината на животот го менува својот професионален правец и формира своја компанија OceanWest Financial Services.

Џим не ги заборавил своите корени. Во своите рани 50-ти тој за прв пат го посетил семејното село Нерет, купил куќа која ја реновирал и таму е редовен посетител со сопругата и трите ќерки.

Тој е активен и на политички план, учествувајќи како кандидат на Западно-австралиски државни избори како поранешен претседател на Македонската заедница за Западна Австралија. Биволцис беше претседател во 2009 година со двегодишен мандат и истотака беше три децении член на Либералната партија. Меѓутоа, кога Либералната партија внесе надворешен кандидат, Џим си поднесе оставка и пристапи на Churchlands како независен. На изборите тој се залагаше за подобрување на заедницата и здравствените услуги, за безбедност и сигурност, протокот на сообраќај и животната средина.

На овој начин, неговото име се додаде на кусата, но растечка листа, Австралијанци со македонско потекло кои се кандидирале за Парламентот во Австралија.

Македонецот Петар Ристевски кој е роден и израснат во Ливерпул – Австралија, веќе втора година по ред е советник во Советот на Општина Ливерпул, а бил избран за советник на локалните избори во 2012 година како кандидат на Либералната партија.

Тој планира да се кандидира повторно на следните избори.

Порано бил директор во Chan and Naylor, национално сметководство и управување со фирмата, а има 20 години работно искуство во сметководство, финансии и секторот за имоти. Во 1998 година Петар Ристевски основал своја сметководствена фирма.

Тој, исто така е основач на Австралиско-Македонската стопанска комора во 2006 година и е национален претседател, а пак пет години подоцна беше избран да биде дел од одборот на Нов Јужен Велс во министерскиот советодавен комитет за македонската заедница. Тој е неизвршен претседател на Raptor Motors од 2005 година.

Македонија 365                                                                                                                                   П.Д.