СДСМ: Насилството на 27 април беше напад врз демократијата на Македонија

28 ноември, 2017 | 15:57 часот | 257 прикажувања |

Од Социјалдемократскиот сојуз се огласија со соопштение по повод денешната акција на МВР за апсење на дел од учесниците во Собраниските настани од 27 април.

„Македонија е сериозна, демократска држава, со институции кои имаат обврска пред граѓаните и Уставот да постапуваат согласно со јасни законски процедури за целосно расчистување на настаните од 27 април и соодветна законска одговорност на сите инволвирани“, велат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека насилството на 27 април било напад врз демократијата во Република Македонија, врз уставниот поредок, обид за загрозување на животот на пратеници, а со тоа и напад врз сите граѓани на Република Македонија.

Од партијата посочуваат дека институциите имаат кредибилитет и должност да го расветлат случајот поради, како што велат, потребата од правда и владеење на право во Република Македонија за ваков случај никогаш да не се повтори.