Петир: Не треба да се прифати уцената за името, на Грците им се даде прст, тие ја бараат целата рака

9 април, 2018 | 0:40 часот | 12.155 прикажувања |

Сметам дека името го претставува идентитетот. Тоа е заштитен знак. Името е нешто кое останува позади нас и кога ние повеќе нема да бидеме тука. Поради тоа сметам дека со името ниту на народот ниту на државата не смее да се коцка. Оние кои поставуваат такви услови и бараат такви отстапки од Македонија не се добредојдени.

Ова го истакнува хрватската европратеничка и голем лобист за Македонија Маријана Петир во интервјуто за емисијата „Во центар“ на новинарот Васко Ефтов.

На констатацијата на Ефтов дека таа има потврди ставови околу името од многу македонски политичари, Петир вели дека истото ќе го зборува ако е во прашање и нејзината земја Хрватска или ако некој тоа го бара од некоја друга земја.

„Ако го погледнеме блиското минато ќе видиме дека некои земји го промениле името, но затоа што тоа самите го сакале. Но не можам да најдам ниту еден пример каде една држава бара и го условува својот сосед да го промени своето име на државата, како што тоа е случај меѓу Македонија и Грција. Јас тоа го сметам за неправда и реагирам на таа неправда. Реагирам од моето срце. Некои сметаат дека сум премногу храбра, но јас мислам дека не би можела да се занимавам со оваа работа ако немам љубов и ако не застанам во одрана на оние кои се неправедно прогонувани или на било кој начин нападнати од оние кои мислат дека се посилни и помоќни од нив“, вели Петир.

Нагласува дека ситуацијата понекогаш изгледа невозможна, како да не постои начин да се пронајде решение.

„Но јас ќе кажам дека секогаш треба да го направиме тоа што можеме, а ако направиме се што можеме, тогаш можеби и Бог ќе ни помогне. Барем јас така им пристапувам на овие проблеми. Бог е добар. Јас верувам дека тој има македонско народно срце исто како и јас“, вели хрватската европратеничка, посочувајќи дека не треба секогаш да се поаѓа од тоа дека Македонија е мала држава, бидејќи и таа кога станала пратеничка во Европскиот парламент била соочена со истото прашање дека  Хрватска е мала држава и има мал број на претставници, па нема да може да се направи ништо.

„Јас покажав дека се може. Не е вистина дека не се може“, децидна е Петир.

Таа вели дека за прашањето меѓу Македонија и Грција понудила тоа да се решава на начинот на кој Хрватска и Словенија разговарале кога Хрватска беше во претпристапни преговори.

„Се договоривме дека Хрватска ќе отвори преговори и дека билатералното прашање ќе се реши преку преговори. Затоа јас и го предложив нашиот пример кој се покажа како добар за решавање на проблеми, да го примениме при решавање на проблемите на Македонија и Грција. Јас сметам дека ова однесување на Грција спаѓа во делот на билатерални прашања. Ако е билатерално прашање, тогаш не е дел на европското правно наследство. Ако не е дел од европското правно наследство тогаш не може да биде препрека за отворање на преговори со Македонија“, вели Петир во интервјуто со Васко Ефтов, додавајќи дека жали што колегите од Европската комисија и Советот не му дале шанса на нејзиниот предлог за третирање на прашањето за време на веќе отворените преговори на Македонија со ЕУ.

„Верувам дека денеес ситуацијата ќе изгледаше многу подобро“, истакнува Петир.

Целосното интервју може да се погледне на видеото во прилог: