До 25 декември е рокот за субвенции на градинарските и овошни култури

28 ноември, 2017 | 12:08 часот | 224 прикажувања |

До 25 декември е рокот за поднесување барања за финансиска поддршка за произведени и продадени градинарски и овошни култури.

По електронски пат во подрачните единици на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да се поднесат барањата, а во прилог се доставува и потврда за откупените количини.

Земјоделските стопанства кои од 1 март до 25 декември произвеле и продале градинарски култури во регистриран преработувачки капацитет може да аплицираат за субвенциите.

Висината на поддршката изнесува по 1,5 денар по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперки и корнишони за кои поддршката изнесува три денари по килограм.

Поддршката за овошните култури изнесува два денари по килограм, а се исплаќа на земјоделските стопанства кои од 26 декември лани до 25 декември годинава произвеле и продале овошје во преработувачки капацитет.

До 25 декември се поднесуваат и барањата за финансиска поддршка за произведени и продадени праски во периодот од 12 до 30 јуни, за кои висината на поддршка изнесува шест денари по килограм, додека за произведени и продадени лубеници во период од 3 до 15 јули, висината изнесува два денари по килограм.