Православните христијани го слават Денот на Христовото воскресение

8 април, 2018 | 12:22 часот | 398 прикажувања |

Православните христијани денеска го слават Велигден.

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена.

Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време.Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.

И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар или економист и кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е мо¬ќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.

Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Именден празнуваат: Величко, Велика, Велјан, Воскресија, Анастас, Анастасија…

Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“.

Со право повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли, зашто ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, но и на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено, ќе царуваа неморалот и другите негативни демони.

Всушност, Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Јавувајќи се со своето учење Исус објавил дека е „Пат, вистина и живот“. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој, од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници.

Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен? Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство, западнал под друго ропство ‒ римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот.