Британските банки успешно го минаа стрест-тестот

28 ноември, 2017 | 12:00 часот | 262 прикажувања |

За првпат откако во 2014 година започна со тестирање на отпорноста на банките на низа потенцијални економски шокови, Банката на Англија, објави дека ниту една финансиска институција во таа земја нема да мора да прибира дополнителен капитал за да ја поддржи својата финансиска база.

Во извештајот за годишниот стрес-тест на банкарскиот сектор, објавен денеска, британската централна банка соопшти дека најголемите банки во земјата се отпорни на многу лоши сценарија, вклучувајќи и длабоки рецесии во земјата и во странство и нагло опаѓање на цените на имотот.

Стрес-тестовите станаа клучен инструмент во политиките на централните банки ширум светот по глобалната финансиска криза во 2008 година.

Во случајот со Велика Британија, многу од банките во таа земја, вклучувајќи ја Ројал бенк оф Шкотланд, тогаш мораа да бидат спасени преку „грбот“ на даночните обврзници, бидејќи тие не беа доволно силни за да се справат со последиците од економската криза.