Заев: Да изградиме широк консензус за реформите во правосудството за доброто на граѓаните

5 април, 2018 | 19:28 часот | 522 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше и се обрати на Свечената академија на Регионалната конференција „Зајакнување на квалитетот на правдата во светло на правосудната реформа“, која се одржа во хотелот Александар Палас.

На дводневната Регионална конференција (4-5 април), која по повод Денот на правосудството, ја организираше Здружението на судиите, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, присуствуваа министри, амбасадори, претставници на правосудната фела и други гости.

„Апсолутно сум застапник на концептот за почитување на интегритетот на судиите и за нивната самостојност и независност. Тие самите, низ својата пракса да ги препознаваат можностите за нивно усовршување, како и да ги препознаваат застранувањата и за нив да разговараат и да ги отстрануваат со помош на механизмите внатре во правосудниот систем“, истакна премиерот Заев потенцирајќи дека Владата што тој ја предводи секогаш ќе ја поддржува строгата поделба на трите столба на власта: законодавната, извршната и судската.

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, кој воедно е и претседател на Советот за следење на имплементацијата на реформите во правосудството во своето обраќање рече дека граѓаните очекуваат, судиите, кои според него се „јавното лице на правдата“ да ги исполнуваат високите стандарди на интегритет, независност и непристрасност, бидејќи во спротивност довербата се разнишува и до израз доаѓа вознемиреноста на јавноста.

„Тоа е така, затоа што корупцијата му нанесува сериозни штети на интегритетот. Ги поткопува самите темели на демократската држава регулирани со владеењето на правото. Како резултат на тоа, системот и институциите почнуваат да се распаѓаат и да ја губат својата суштествена улога“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека во минатото Република Македонија се соочи со една таква состојба и закана и се предизвикаа големи штети, но прогресивните сили на општеството го запреа процесот и застанаа на позицијата, судството мора да биде ослободено од стегите на политиката и дека неговата независност мора да биде признаена и загарантирана од сите гранки на власта.

„Почитувани, ова е моментот во кој се поврзуваат точките за моето обраќање до вас. Во хирерахијата на моите обврски како прв претставник на извршната власт, врвен приоритет е обезбедувањето услови за целосна рехабилитација на правосудниот систем, за да се обезбеди независноста и самостојноста на судиите и на другите функционери во правосудството“, рече премиерот Заев обраќајќи им се на присутните.

Нагласувајќи ја исклучителната важност на реформите во правосудството, премиерот Заев рече дека актуелната Влада е посветена на спроведување на суштинските реформи во овој сектор, со цел враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем како и подобрување на пристапот до правда за сите граѓани и целосно владеење на правото.

„Унапредувањето на судскиот систем и неговото функционирање како самостоен и непристрасен дел од носечките столбови на државата, претставува клучна претпоставка за развитокот на Република Македонија како демократска правна држава и мултикултурно општество на еднакви во слободите и правата граѓани“, оцени премиерот Заев, посебно истакнувајќи ја улогата на новата Стратегија за реформи на правосудниот сектор (2017-2022 година) усвоена од Владата минатата година.

„Оваа 2018 година ќе биде година на најважните правосудни реформи откако Македонија е држава кандидатка за членство во ЕУ. Стратегијата беше направена врз основа на темелни консултации со сите релевантни чинители и со целосна поддршка од ЕУ. Здружението на судии беше активно вклучено и даде вреден придонес“, рече Заев, истакнувајќи дека со цел кредибилни правосудни реформи се води и активен дијалог со опозицијата во Собранието за постигнување на политички договор за законите од областа на правосудството.

„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите чинители, пред сè, правосудните институции, да ги надминеме нашите дневни разлики и да изградиме широк општествен консензус околу насоките и правецот за реформа на правосудството, бидејќи овие прашања засегаат во секојдневието на секој граѓанин“, порача премиерот Заев, и изрази поддршка за работата и придонесот на Здружението на судиите на Република Македонија, како и на услогата на судиите и судската власт во Република Македонија.

„На Република Македонија и треба силна, независна и професионална судска власт која нема да потклекнува под каков било притисок од Владата, Собранието, политичките партии, или кој било друг центар на политичка моќ“, порача премиерот Заев.

Тој подвлече дека освен изработувањето на законите, многу е важно тие да се применуваат доследно и во интерес владеењето на правото и во интерес на граѓаните за чија јавна доверба сите институции постојано треба да се борат.