Јанчовски до Каевски: Не сме уредници на книгата, одговорноста е кај АМС

3 април, 2018 | 21:58 часот | 623 прикажувања |

Контроверзната збирка на поезија е објавена три месеци по доделувањето на наградите. Во тие три месеци, никој од АМС не ни се јавил и не ни побарал мислење или препорака за тоа кои песни да одат, а кои не. Не сме добиле ниедно писмо, ни порака, ни јавување по телефон дека треба да правиме нешто во таа смисла. Не сме информирани ниту за една етапа од подготовката на книгата. Книгата е подготвувана и уредувана три месеци. Дека книгата излегла, дознавме од медиумите.

Ова е реакцијата на Тихомир Јанчовски, дел од комисијата на спорната збирка поезија од проектот „Млади поети“ на денешната прес конференција на Дарко Каевски, директорот на АМС, во која Каевски рече дека комисијата сноси одговорност за содржината на песните, во кои имаше сексизам и етничка дискриминација.

Во продолжение интегралната реакција на Јанчовски, објавена на неговиот фејсбук профил:

Ова веќе станува невкусно. Нова прес-конференција и пак истата песна. Виновна била комисијата. Значи, да нацртам:

1. Ние бевме жири-комисија за одредување на ПРВИТЕ 3 места за песните на конкурсот објавен од АМС. Од сите песни, ние селектиравме 3 и сме одговорни за таа селекција. Во тие 3 песни што ги одбравме нема расизам, сексизам, албанофобија.
2. Ние НЕ сме биле комисија за уредување на книгата и цензорирање на тоа кои песни треба да се објават. Книгата има корици, илустрации, песни… значи, морало да има и уредник. Уредувањето и објавувањето на книгата е извршено од Арс Ламина и АМС, т.е. од некои од нивните вработени. Тие веројатно имаат имиња и презимиња.
3. Книгата е објавена 3 месеци по доделувањето на наградите. Во тие три месеци, никој од АМС не ни се јавил и не ни побарал мислење или препорака за тоа кои песни да одат а кои не. НЕ сме добиле ниедно писмо, ни порака, ни јавување по телефон дека треба да правиме нешто во таа смисла. НЕ сме информирани ниту за една етапа од подготовката на книгата. Книгата е подготвувана и уредувана 3 месеци. Дека книгата излегла, дознавме од медиумите.
4. За објавените содржини, според законот за издаваштво, одговорен е уредникот на изданието, а не комисијата што одредила три песни што добиле награда.
4. Во конкурсот на агенцијата стои дека сите пристигнати песни ќе бидат објавени. Ние не сме го објавиле конкурсот, туку АМС. Тие си достојале на зборот и ги објавиле сите песни.
7. Книгата е печатена во тираж од 5.000. Книги поезија кај нас се печатат во тиражи од 300-500 примероци. Никој не не прашал дали тоа е во ред. Во САД, земја од 315 милиони народ, книгите поезија обично се печатат во тираж 3.000. Значи, ова е тираж за земја што има барем 500 а не 2 милиони народ. Што им требало?
8. Што знаеш, може ние сме знаеле дека треба да ги цензорираме песните за книгата, може ни било кажано телепатски? А може сме биле и уредници, сме ги управувале од Арс Ламина и од АМС преку хипноза. Се’ за да им наштетиме на државата и на АМС.
9. Младиот директор на АМС ја знае вистината, но прави се’ за да си го зачува местото на кое е назначен од неговата партија. Некој го советувал да не’ обвини нас и да се држи до тоа. Ако. Негов избор.