Протест пред руската амбасада во Скопје за поддршка на протераниот дипломат

3 април, 2018 | 20:11 часот | 1.631 прикажувања |

Неколку стотини граѓани и поддржувачи на партијата „Единствена Македонија“ попаднево се собраа пред руската амбасада во Скопје за да ја изразат својата поддршка за протераниот руски дипломат.

На присутните на протестот им се обрати лидерот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев, а благодарност до протестантите изрази и рускиот амбасадор во Скопје Олег Шчербик.

Од министерството за надворешни работи минатата недела му откажаа гостопримство на еден руски дипломат, во знак на солидарност со Велика Британија и други западни земји за случајот во кој беше отруен двојниот руско-британски шпион Сергеј Скрипаљ.

Македонскиот министер за надворешни работи нагласи дека оваа одлука е заснована на меѓународна солидарност, но за потегот имало и домашна основа.

Меѓународниот елемент е солидарноста во однос на случајот „Скрипал“, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија, рече Димитров. За домашната основа рече дека е поради тоа што се работи за лице што со своите дејствувања излегло надвор од својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Рускиот амбасадор Шчербик тогаш во изјава за медиумите истакна дека Македонија не сакала да им обезбеди докази за тврдењата за делувањето на рускиот дипломат во Скопје.