Османи-Суомалаинен: ОБСЕ одигра важна улога во бројните предизвици

3 април, 2018 | 12:43 часот | 284 прикажувања |

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, по повод завршувањето на нејзиниот мандат и нејзиниот заминување.

Османи изрази огромна благодарност за нејзиниот личен ангажман како и поддршката за време на мандатот како Амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја.

„Мисијата на ОБСЕ имаше важна улога во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во имплементацијата на принципот на владеење на правото“, истакна Османи, додавајќи притоа дека поддршката на ОБСЕ уште од самите почетоци на демократскиот развој на Македонија, претставува нераскинлив дел од изградбата на демократското општество.

За време на разговорот, соговорниците разменија податоци за поддршката и помошта која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектори итн. Во оваа насока тие изразија задоволство од досегашната соработка и заеднички изразија надеж дека поддршката и соработката меѓу ОБСЕ и Владата на Република Македонија, ќе продолжи и во иднина.

На крајот на средбата Вицепремиерот Османи ѝ посака успех на Амбасадорката Суомалаинен во нејзиниот натамошен професионален ангажман.