Шилегов го најави проектот „Дрво за секое дете“

2 април, 2018 | 12:18 часот | 501 прикажувања |

Градоначалникот Шилегов и претставници на гинеколошките клиники од Скопје денеска потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот „Дрво за секое дете“.

Првиот човек на Град Скопје рече дека проектот е дел од неговата предизборна кампања.

„Заедно со ЈП Паркови и зеленило и гинеколошко – акушерските болници, преку овој проект, им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови. На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, изјави Шилегов.

Дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на расположива локација по избор на родителите. По напуштање на гинеколошката клиника, родителите ќе треба да го пријават добиениот код на 071/395-395 каде што потоа ќе ги добијат дополнителните информации за овој проект.

Тој нагласи дека секој граѓанин на Скопје има право на сопствено дрво на иднина, а влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации.

„Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот. Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на услови за живот, а промената започнува од самите нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење“, рече Шилегов.

Меморандумот за соработка го потпиша Град Скопје со ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство, ЈЗУ Специјалната болница по гинекологија и акушерство – Чаир, Ре-Медика и со Аџибадем Систина.