Приведени дваесетина учесници во собраниските инциденти од 27 април

28 ноември, 2017 | 9:42 часот | 1.676 прикажувања |

По налог на јавен обвинител, рано утрово се приведени над 20 учесници поврзани со инцидентите во македонското Собрание од 27-ми април.

Приведен е Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, а ОЈО побарало приведување и на Митко Пешев, поранешен началник на одделението за специјални полициски операции, и на Душко Лазаров, началник во секторот за Јавен ред и мир.

Меѓу приведените се и оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски, учесници во протестите,  Горан Ангелов од Македонското патриотско здружение „Андон Јанев – Ќосето“ од Велес, пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, пратеничката Жаклина Пешевска, поранешниот директор на ФЗОМ, Сашo Стефановски, и други. Тие треба да бидат донесени пред судија за претходна постапка во Кривичниот суд.