Агенцијата за млади и спорт отпечатила збирка поезија со сексизам и дискриминација

1 април, 2018 | 12:22 часот | 1.788 прикажувања |

Агенцијата за млади и спорт издала збирка поезија во рамки на проектот „Млади поети“, во која се објавени стихови со недолична и дискриминаторска содржина.

Една од песните е со наслов „Партиски вработена“ која изобилува со сексизам, вулгарности и навреди, додека другата песна за која имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во кои граѓаните препознаваат етничка дискриминација, е со наслов „Моите соседи“. Двете песни се од истиот автор Даниел Пиљаковски.

Уредник на публикацијата, испечатена во тираж од 5.000 примероци, е директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.

Од Агенцијата за млади и спорт се оградуваат и велат дека изборот на песни кои се објавуваат го направила надворешна комисија, која требало да направи соодветна селекција, а АМС немала увид во содржината.

„Агенцијата за млади и спорт се оградува од содржина која содржи дискриминација и смета дека е недолична. Во тек е истрага за утврдување на фактите и причините кои довеле ваквата содржина да биде објавена, после што јавноста ќе биде информирана за мерките и одговорноста кои ќе се преземат“, додаваат од Агенцијата.