Иванов со честитка до верниците кои го слават католички Велигден

1 април, 2018 | 11:37 часот | 724 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

„Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам христијанскиот празник – Велигден.

За Христијаните, денот на Христовото воскресение е најголемиот и најзначајниот ден во историјата на човештвото. Празнувајќи ја победата на Исус Христос над смртта, ние со благодарност ја прифаќаме единствената жртва што може да нѐ откупи и ослободи од силата на гревот. Овој празник е и потсетување дека секој човек има непроценлива вредност и неотуѓиво човечко достоинство, што е вродено право и заемна обврска да ги почитуваме и прифаќаме нашите ближни и соседи со сите нивни разлики.

Честитајќи Ви го големиот празник, Ви посакувам Вам и на сите верници, овие велигденски празници да ги минете во духовен мир, хармонија, споделувајќи љубов во Вашите семејства.

Христос воскресна! Честит празник и за многу години“, се вели во честитката за католички Велигден на претседателот Ѓорге Иванов.