СДСМ: Мицкоски и неговата партија немаат кредибилитет да зборуваат за економија

31 март, 2018 | 19:22 часот | 850 прикажувања |

Христијан Мицкоски и неговата партија немаат кредибилитет да зборуваат за економија поради грабежот што ВМРО-ДПМНЕ им го направи на граѓаните и пустошот што го остави по 11 годишното владеење, порачаа од СДСМ.

„Погрешните политики на ВМРО-ДМПМНЕ создадоа нееднаквост во општеството, неправда и социјална евазија. ВМРО-ДПМНЕ ја урниса економијата, 11 години ги трошеше парите на граѓаните тајно и расипнички за остварување на криминалните интереси и лично богатење на неколку поединци, додека граѓаните и државата тонеа во долгови и сиромаштија“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата посочуваат дека за разлика од таквиот однос кон парите на граѓаните, Владата предводена од СДСМ преку успешните економски политики и Планот за економски раст, обезбедува повисоки плати, нови работни места, зголемена помош за стопанството и повеќе пари во семејните буџети. Тоа е потврдено и преку економските параметри.

„СДСМ верува во правично и рамноправно општество за сите граѓани и оттука ја црпи потребата за реформа со која ќе се обезбеди праведно оданочување. Нервозната ВМРО-ДПМНЕ нека не шири лажни вести, дебатата за воведување праведно оданочување е отворена и од неа ќе произлезат клучните и најдобри решенија“, велат од владејачката партија.