Вучиќ: Пред Србија се две опции за решавање на косовскиот проблем

31 март, 2018 | 12:36 часот | 1.464 прикажувања |

На денешното отварање на Националниот конвент за ЕУ, што се одржува во рамките на внатрешниот дијалог за Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека пред неговата земја се две опции кога е во прашање решавањето на косовскиот проблем, но дека најреален е предлогот за опстанок на замрзнатиот конфликт.

„Најголем број од учесниците на внатрешниот дијалог за Косово се залагаа за зачувување на статус кво и зачувување на замрзнатиот конфликт, да почекаме некои подобри времиња“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека самиот е против таквото решение и дека со текот на времето Србија нема да добие ништо, но затоа другата страна ќе биде во подобра позиција.

Српскиот претседател посочи дека разговорите меѓу Белград и Приштина ќе бидат продолжени, но се уште не се знае како и во кој формат.

„Кога ќе исполнат се што е потпишано, тогаш ќе бидеме подготвени да ги продолжиме разговорите“, изјави Вучиќ.

Според него целта на Албанците е по секоја цена го освојат северно Косово и да го остварат својот пат кон суверенитет.

„Намерата им е да не доведат до свршен чин, на ист начин како што Хрватска после акцијата „Бура“ не доведе до свршен чин, истото да се случи и во северно Косово“, рече Вучиќ.

Тој говорејќи за апсењето на директорот на владината Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ и за упадот на косовските полициски сили во северно Косово, потенцираше дека целта им беше „да го прикријат протерувањето на лицата поврзани со организацијата на Фетулах Ѓулен од Турција, а тоа воедно беше и мал тест за заземањето на северно Косово“.