Митрополитот Агатангел се оградува од постапката на Синодот на МПЦ-ОА

27 ноември, 2017 | 22:38 часот | 2.761 прикажувања |

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, со писмена реакција се оградува од соопштението на МПЦ – ОА, со кое ѝ се заблагодарува на БПЦ за одлуката да прифати да биде мајка-црква.

„Изненаден сум од веста дека постои соопштение на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ – ОА не заседавал по ова прашање. Јас како еден од владиците не сум запознат за тоа кој ја соопшти оваа вест дека нашиот Синод и благодари на БПЦ за нивната одлука и решение дека тие ќе формирале комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, се вели во реакцијата на митрополитот Агатангел.

Како што посочува во неговото писмо, формирањето на комисија може да го одложува решавањето на македонскиот црковен статус до недоглед.

„По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот Синод на МПЦ-ОА како краен резултат еве денес што добивме како решение. БПЦ сега се преставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има било каква обврска кон нашиот Автокефален статус што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација“, се додава во писмото на митрополитот повардарски Агатангел.