Милошоски: На македонскиот амбасадор во Москва му биле соопштени руските контра мерки

30 март, 2018 | 17:13 часот | 5.816 прикажувања |

Македонскиот амбасадор денес бил повикан во руското МНР, каде заедно со амбасадорите на Хрватска, Латвија, Чешка и Литванија им биле соопштени дипломатските контра мерки што ќе ги повлече Руската Федерација, тврди на својот Твитер налог Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија и сегашен пратеник во македонското Собрание.

Милошоски пишува и дека се очекува соопштение од македонското Министерство за надворешни работи.

На вчерашната прес конференција рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербик истакна дека Македонија не сакала да им обезбеди докази за тврдењата за делувањето на рускиот дипломат во Скопје.

Македонија протера еден руски дипломат во понеделникот, на 26 март, во консултации со ЕУ и НАТО, а во солидарност со Велика Британија поради случајот Скрипал. Шефот на дипломатијата Никола Димитров еден ден подоцна рече дека протерувањето е и поради заштита на сопствените безбедносни интереси на земјава, односно дипломатот излегол од рамките на својот мандат и се обидел да се здобие со класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов излезе со став дека одлуката за протерување на дипломатот е избрзана, додека премиерот Зоран Заев оцени дека овој случај не би требало да ги влоши односите со Москва.