Димитров: Има условен напредок во преговорите, доаѓаат потешките прашања

30 март, 2018 | 16:59 часот | 968 прикажувања |

Има условен напредок во преговорите, бидејќи како одиме напред доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење.

Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по денешната седумчасовна средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас и медијаторот во спорот за разликата со името Метју Нимиц.

„Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, додаде Димитров.

Медијаторот Нимиц за разговорите рече дека имало позитивен напредок, но останала тешките прашања кои треба да се надминат.

Денешната средба во Виена беше втора во изминативе два месеци. Претходната, на 13 февруари, беше и прва на ниво на министри за надворешни работи, откако за тоа се договорија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбата во Давос.