Во недела ќе се одржи „Априлијада 2018“ на плоштад „Македонија“

30 март, 2018 | 15:50 часот | 775 прикажувања |

Детскиoт културен центар Карпош и Град Скопје во недела, 1 април 2018 година, од 11 до 13 часот на плоштадот „Македонија“, организираат детска журка „Априлијада 2018 – Скопје се смее“, за сите градинки, училишта и деца од градот Скопје и од околината.

Во дневниот дел од забавата со маски, принцезите, самовилите, кловновите и сите ликови од цртаните филмови ќе ги забавуваат секцијата за модерен балет и фолклорната секција на ДКЦ „КАРПОШ“, Мина Блажев, Златно славејче и танцови групи од основните училишта од Скопје.

Ноќната забава ќе почне во 20 часот, а на Плоштад Македонија ќе настапат: ВИС-Аманет (вокално инструментален состав), Александар Митевски, Влатко Илиевски, Александар Тарабунов, Трио „Шербет“, Елита Зибериж и Група – „Live Band”, а на крај ќе настапи и диџеј.

Детскиот културен центар Карпош со конкурси ги повика основните училишта да учествуваат во манифестацијата и да се натпреваруваат за најубава маска и карикатура, за коишто ќе им додели вредни награди и дипломи. Во вечерниот дел од манифестацијата на бината ќе продефилираат учениците од средните училишта со групни маски, а учесниците во најдобрата групна маска ќе добијат и вредна награда.