Иванов му ја честитал победата на Ал Сиси на претседателските избори во Египет

30 март, 2018 | 9:40 часот | 516 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во телефонски разговор му ја честиташе победата на претседателските избори на претседателот на Арапска Република Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси, посакувајќи му многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Како што информираат од неговиот Кабинет, претседателот Иванов изразил уверување дека односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет, ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување.

„Во телефонскиот разговор, одржан вчера попладне, македонскиот претседател изрази задоволство од одличниот политички дијалог со претседателот Ал-Сиси, порачувајќи дека под негово водство се реализираше новиот период на взаемно партнерство, доверба и пријателство меѓу двете држави. Двајцата претседатели се заложија за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи преку интензивирање на соработката во сите сфери од взаемен интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, како и во сферата на безбедноста и разузнавањето“, стои во соопштението до Кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов, се додава, изрази надеж дека Египет под раководство на претседателот Ал-Сиси, и во иднина ќе биде земја-лидер и гарант на безбедноста, сигурноста и мирот во регионот на Северна Африка.

За време на телефонскиот разговор двајцата претседатели договорија реализација на возвратна официјална посета на претседателот Ал-Сиси на Република Македонија.