Во Кривичниот суд рочишта за предметите на СЈО „Топлик“ и „Тотал“

30 март, 2018 | 9:08 часот | 577 прикажувања |
Зградата на Кривичниот суд во Скопје, фото: Телма

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за случаите „Тотал“ и „Топлик“.

Во „Топлик“ се осомничени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.

Јанакиески,  спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Минатото рочиште за  „Топлик“ беше одложено поради болест на обвинетиот Димитар Димовски, за што неговиот адвокат достави лекарска потврда.

Во Судот денеска треба да се одржи и главна расправа за предметот „Тотал“, во кој е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување данок.

Според обвинението, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично физичкото лице затаило 3.876.471 денар или 63.032 евра.