Протерување или претерување?

29 март, 2018 | 22:52 часот | 2.059 прикажувања |

Најпрвин ѝ се заканавме на Северна Кореја да го повлече и укине нуклеарното oружје. Деновиве го протеравме рускиот дипломат за да му кажеме на Путин дека ние не сме партнери со Русите. Дека нам не ни е гајле што Русите нè признаа под уставно име. Можат и да си го повлечат, та ние и онака ќе се викаме поинаку, ептен поинаку, дури и ние кутрите не знаеме што име ќе ни дадат новите кумови, „нововерците“, европејците.

Kутри нека се оние од власта што не знаат кај тераат и во такво лудило не знаат ни кого, ни зошто ќе протераат. Додуша знаат зошто-за да им се додворат на нивните ментори и нарачатели. Значи, не им е гајле, ниту страв од Русија и руската моќ и влијание.

Замислете: после 15 години руско „шпиунирање“, тие, нашиве вазалски политичари, нашиве дипломатски дилетанти, „откриваат“ дека токму денес е денот да му кажат спасибо за работата на рускиот дипломат и да го, ни пет-ни шест, туку да го протераат надвор од Македонија – назад во Москва, во Русија! Башка што немааат доставено ни докази, ни сведоци, ни некакви аргументи. Така, барем изјави Олег Шчербик, рускиот амбасадор во Македонија, кој сега-за сега не е протеран поради оваа изјава. Којзнае!?!

Значи, нема докази, но има нарачка за солидаризирање и јавно „казнување“ на Русија за наводната руска замешаност околу случајот со труење на Сергеј Скрипаљ рускиот или британски агент во Велика Британија. Македонија и за тоа нема докази, но има сојузници кои не само што историски не ѝ мислеле добро на Македонија, туку, напротив, биле и директно виновни, преку фрлањето на напалм-бомбите за протерување на стотици илјади Македонци од Беломорска Македонија. А овие нашиве, несреќиве од дипломати, овие нашиве будаливе, изјавуваат дека се надеваат оти овој срамен чин немало да влијае на македонско-руските односи.

Кое лудило, чоече! Како, божем да не знаат каде ја чепнале мечката. Е, па, баш ја чепнале мечката и баш таму, во таквото! И уште се надеваат (која политичка наивност, бедници!) дека таа, гордата Путинова Русија нема да им возвратела по нејзино!? И уште се фалат, завалиите, тевеќелиите, веројатно и се гордеат пред менторите во чија консултација ја донеле оваа за нив нормална, а за сиот македонски народ, ненормална државна (ама државна!?) одлука!

Велам, ненормална и без преседан одлука која повеќето земји од Унијата не ја прифатија, а ние како „поголем папа и од папата“ глумиме лудило. За да биде уште поголема иронијата, поддржуваме или се солидаризираме со земја која е на пат да излезе од Унијата, земја која ѝ се противи на цела Европа за лошата организираност и за лошото менаџирање на Брисел. Ние и тој факт го занемаривме. Ние, „големите шармери во дипломатијата!“

Нејсе. Што добиваме со ова протерување?! Ја добиваме Велика Британија како сојузник, а Големата Русија како политички непријател и не само политички, туку со ваквото однесување и воен непријател. Стануваме мета на воениот нишан на Русија и не само на воениот. Отсега, ќе знае Русија да ни го блокира и пазарот: и пласманот на јаболкото, и пласманот на охридската цреша и што ли уште не. Доволно за да нè „закопа“. Само да сака да нè блокира. А секако дека ќе сака.

Зашто чинот на протерување на руски диломат, можеби за Македонија е несериозен чин од типот „видела жабата како се потковува коњот, па и таа ја кренала ногата“, но без сомнение, ова протерување, а и секое протерување на руски дипломат, Русија го сфаќа 200% сериозно и за секое протерување има соодветен одговор. Тој и таков соодветен одговор ќе го даде во вистинско време, како што вели Олег Шчербик, во време кога Русија ќе помисли и само Русија сама ќе одлучи дека е топ време за возвратен удар. Во тој случај, а тоа е и незизбежно сега, последиците по Македонија ќе бидат и многу поболни, отколку што си помислиле некој си Никола Димитров, или премиерот Зоран Заев, на пример.

Да не заборавиме: Руската Федерација, големата Русија, е една од петте постојани членки на Советот за безбедност при ООН, каде што во одлучувањата околу Македонија секогаш ќе се потсети на овој наш срамен чин и ќе има право на вето за секоја нам потребна едногласна одлука од ООН. Ова последново и не е тешко да се претпостави, ниту да се избегне, особено сега кога ние имаме потреба од сериозен опстанок на нашиот идентитетот преку нашето уставно име Република Македонија.

Го размислувал ли ова некој од нашиве „шарм-дипломати“ или целта била само да се додворат на Западот, на оној Запад кој со децении нè врти околу малиот прст и нè тера да се обезимениме, да се самопрекрстиме во нешто што нема да личи на Македонија. Во Горнамакедониџа, или Џорхамакеџониџа, на пример! Бедно – до поткожа!

Играњето ваква игра против Русија, ова македонско протерување на руски дипломат, ова македонско претерување, особено денес кога Студената војна веќе се вжештува и е на чекор до искрење, е опасна игра во која малиот, секогаш малиот, многу помалиот, во случајов, што би рекол Заев: „нашата мила Македонија“, ќе биде лесно запалива материја која ризикува да биде не само по своја вина зафатена, ами и, „изгорена“ од линијата на огнот и претворена во „пепел и прав“. Во најмала рака, политички и историски, и не само метафорички.

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“