Иванова: Мицкоски да не се крие зад народот, туку да одговори за неговата улога на 27 април

29 март, 2018 | 15:19 часот | 525 прикажувања |

Христијан Мицкоски вчера призна дека бил во толпата пред Собранието и учествувал во настаните од 27-ми април. Откако го потврди присуството Мицкоски треба да одговори која била неговата улога на денот кога беа нападнати пратеници, новинари и вработени, кога беше загрозен уставниот поредок на Република Македонија, праша денеска Михаела Иванова од СДММ, обраќајки се од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со тоа што ги брани насилниците кои ги загрозија животите на пратениците, новинарите и вработените во Собранието, Мицкоски покажува дека ја има истата матрица на неговиот претходник Никола Груевски. Очигледно Мицкоски не успева да ги надмине политиките на конфликт и поделби и не сака вистински да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ во одговорен и конструктивен политички субјект што активно ќе учествува во реформскиот процес“, рече Иванова.

Мицкоски, посочи таа, нека не се крие зад народот туку да излезе и да одговори за неговата улога на 27-ми април.

„Затоа што народот, граѓаните не поддржуваат насилство, поделби и конфликти. Граѓаните не се за насилство туку за концептот на едно општество за сите, што силно го поддржаа на последните неколку избори“, додаде Иванова.