Од 15-ти мај во оптек ќе бидат „пластичните“ 10 и 50 денари

29 март, 2018 | 14:44 часот | 1.672 прикажувања |

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница донесе одлука од 15-ти мај годинава да бидат пуштени во оптек книжни пари изработени од полимер, во апоени од 10 и 50 денари, соопшти НБРМ. Донесена е и одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, кои се во оптек од 8-ми септември 1996-та година, а се употребуваат и во моментов.

Согласно со оваа Одлука, на денот кога ќе бидат пуштени во оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, изработени од полимер, книжните пари со истата апоенска вредност, коишто се во оптек од септември 1996-та година престануваат да бидат законско средство за плаќање. Нив, правните и физичките лица ќе можат бесплатно да ги заменат со други книжни и ковани пари со еквивалентен износ. Замената на книжните пари, од 15-ти мај годинава до 15-ти мај следната година, ќе ја вршат деловните банки основани во Република Македонија, а по овој период, замената ќе се врши во Народната банка, се наведува во соопштението.

Донесена е и одлука, од 15-ти април годинава да бидат пуштени во оптек ковани пари во апоен од два денари, со ознака на ковање „2018“.