„Единствена Македонија“: Заев и Мицкоски ги здружија силите против Русија

29 март, 2018 | 12:17 часот | 829 прикажувања |

Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ вчера ја поздрави и се приклучи на акцијата на СДСМ за протерување на рускиот дипломат од Скопје, уште еднаш се потврди дека партијата „Погреб за Македонија“ составена од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ работи заеднички за уништување на Македонија и Македонците, велат од партијата „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев.

„Зоран Заев и Христијан Мицкоски како копретседатели на партијата ‘Погреб за Македонија’ под менторство на Џес Бејли и Чарлс Гарет ги здружија силите на антимакедонска основа против Русија, која, никогаш не го довела во прашање територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, името и идентитетот на македонскиот народ, рускиот претседател Путин на отворена сцена рече дека писменоста доаѓа од македонската земја“, велат од „Единствена Македонија“.

Меѓутоа, велат од партијата, Заев и Мицкоски се солидаризирале и со Велика Британија која во 1948 година фрлала напалм бомби врз Македонците во Беломорска Македонија, а сега се залага за промена на македонското име и идентитет.

„Со еден збор, Заев и Мицкоски од партијата ‘Погреб за Македонија’ се соживуваат со непријателите на македонското дело кои бараат обезличување на македонскиот народ“, посочија од „Единствена Македонија“.

Од партијата на Јанко Бачев цврсто го уверуваат рускиот народ дека зад срамната одлука не стои македонскиот народ, туку одлуката е резултат на Македонци со изгубено национално чувство, како што се вели, корумпирани и купени од странски ментори.