Заев на средба со КСС: Заложба на владата е јакнење на синдикалното движење

29 март, 2018 | 12:03 часот | 501 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска остварија средба со претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралковски и други претставници и претседатели на гранкови синдикати членки на КСС.

На средбата, како што соопштија од владината прес-служба, беа потврдени заложбите на владата за овозможување на услови за јакнење на синдикалното движење во Република Македонија и се разговараше за надминување на состојбите со кои се соочуваат синдикалните организации.

Премиерот Заев посочи дека синдикалното организирање на работниците и функционирањето на синдикатите треба да се одвива непречено во услови кои овозможуваат слободно делување во интерес на работниците и работничките права.

Во функција на заштита и унапредување на работничките права беше изразено уверување дека дијалогот и разговорите на Владата на Република Македонија со синдикалните организации ќе продолжат до изнаоѓање на решенија за посочените проблеми.