Инвестициски циклус од 270 милиони евра за патишта

29 март, 2018 | 8:27 часот | 551 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов  ја презентираа стратегијата и плановите на Владата за изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на патната инфраструктура.

Премиерот Заев соопшти дека 270 милиони евра се обезбедени оваа година за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 км и соопшти дека започнува градежна офанзива на патна инфраструктура во Република Македонија.

„Сакам да потенцирам дека ова е најобемна програма со најголем број на проекти за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Практично цела Македонија ќе биде едно големо градилиште“, порача министерот Сугарески.

Тој истакна дека оваа година ќе заврши изградбата на двата автопати Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип и изрази очекување дека до април ќе се пушти во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица.