Ахмети: Законот за јазици е крунисување на успехот во спроведувањето на Рамковниот договор

28 март, 2018 | 20:20 часот | 1.378 прикажувања |

Политичката ситуација во земјата, законот за јазиците, спорот со името и Евроатланската интеграција биле тема на разговорите што денеска ги остварил претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети со шведскиот амбасадор во земјава, Матс Стафансон.

Ахмети за време на средбата заклучил оти конечното усвојување на законот за јазиците претставува крунисување на заедничкиот успех на локалните сили и меѓународната заедница во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, соопштија од ДУИ.

„Овој меѓународно загарантиран документ е меѓу најуспешните мировни договори и заокружувањето на неговиот нормативен дел не треба да се користи за дневна политика од страна на опозицијата и Иванов“, порачал Ахмети.

Во рамки на средбата, претседателот на ДУИ додал дека парламентарното мнозинство и владата продолжуваат со реформската агенда и изразил уверување дека на 17-ти април Македонија ќе добие чиста препорака за почеток на преговорите со Еворпската Унија.

Соговорниците исто така разговарале и за можноста за постигнување на решение за спорот за името со Грција и се согласиле дека овој надежен процес треба да заврши со достоинствен компромис за двете страни.