Скопје доби еко-автобус на гас, ќе сообраќа на линијата „5“

28 март, 2018 | 14:28 часот | 1.657 прикажувања |

Градоначалникот Шилегов и Михаило Зографски, директор за продажба на комерцијални возила на Мак Аутостар денеска потпишаа договор за пробно користење на автобус Мерцедес на гас во градскиот превоз. Потпишувањето беше во просториите на изложбено продажниот салон на Мак Аутостар (ул. Индустриска број 2) каде што присуствуваа и директорот на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков и претставникот на Мерцедес од Германија, Дарко Цвијановиќ.

„Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. За таа цел потпишавме договор со Мак Аутостар за пробно користење на автобус на гас од производителот Мерцедес БЕНЗ, за период од два месеци. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас“, истакна Шилегов.

Споредено со потрошувачката на старите дизел – автобуси, овој автобус ќе троши речиси 50% помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. А најголема предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

„Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење на електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија 15, а овој автобусот наредниве 2 месеци ќе сообраќа на линија број 5. Ова се одлични можности кои ќе не збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, нотираше Шилегов.

Шилегов, исто така, нагласи дека решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот, и дека годинава од Буџетот на Градот се предвидени субвенции за набавка на еко автобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони за приватните превозници.

Новиот пробен автобус Мерцедес Бенз ЦИТАРО ЦНГ испушта помалку издувни гасови од Еуро 6 моторите и со тоа загадувањето е сведено на минимум. Овој автобусот има систем за автоматско „клекнување” на возилото на автобуски постојки, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.