Мицкоски: Со државата управуваат криминогени структури, не смее да се продолжи теророт

28 март, 2018 | 10:30 часот | 665 прикажувања |

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓаните и членовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром. Toj пред присутните истакна дека со државата моментално управуваат криминогени структури и дека повеќе не смее да се дозволи ова зло и овој терор што ѝ се случуваат на нашата држава да траат.

На средбата исто така беше кажано дека ова е битка на генерацијата и дека чекорот до крајната цел е како оваа власт да си замине што е можно побрзо. Мицкоски кажа дека Македонија е единствената држава којашто има 0% раст на БДП и убедливо се наоѓаме на европското дно. Тој посочи дека сите ветувања на СДСМ за решенија и придвижување на економијата се само на хартија затоа што во реалноста ситуацијата е многу лоша и ништо не се случува. Мицкоски рече дека странските инвестиции се за 100 милиони евра помали од минатата година, девизните депозити се намалени за 214 милиони евра, а монетарното злато е помало за 12,5 милиони евра откако се дојдени на власт.

„Велеа живот ќе донесеме, 30.000 денари просек плата, 16.000 денари минимална плата, минимален раст на економијата од 5%, а реалноста е дека нема 30.000 денари просек плата, нема 16.000 денари минимална плата, нема за докторите 100.000 денари плата и 0% раст. И лажат и немаат идеи како да продолжиме понатаму. Тоа е најголемиот проблем“, потенцираше Мицкоски.

Тој посочи дека не се отвораат нови работни места и не само што не го оствариле ветувањето за 10% поголеми пензии туку на пензионерите им го скратија и законското покачување, со субвенциите се доцни и затоа земјоделците едвај врзуваат крај со крај.

„Предвидоа рекордни 400 милиони евра во буџетот за 2018 година за капитални инвестиции. Во јануари успеаја да реализираат од тие 400 милиони само 4 милиони, а во февруари стигнаа до 16 милиони или 4%. Споредено со истиот период од минатата година со многу проблеми со политичка неизвесност 4 пати помалку. Затоа нам ни треба програма и на таа работиме. Во таа програма треба лично да се обврземе оние очекување кои нема да го исполниме пред нашите граѓани ќе сносат одговорност и таа личност мора веднаш да ја напушти функцијата што ја извршува“, рече Мицкоски.