Николоски: Се претера со одмаздата за настаните од 27 април

27 март, 2018 | 23:06 часот | 1.072 прикажувања |

Она што им се случи на пратениците од СДСМ на 27 април не е во ред, но чувствувам преголема желба за одмазда кај нив и сметам дека тоа не е во ред. Кога и да почне тоа судење за сите инволвирани ќе се одолговлекува година или две и ќе создава меѓуетнички тензии. На зрел политичар сметам дека тоа не треба да му биде намерата. Јас да бев на местото на Заев ќе предложев закон за амнестија за сите учесници и ќе им простев. Премиерот мора да се надрасне и да се стави над ситуацијата за собраниските инциденти од 27 април. Но за жал кај Заев не гледаме таков капацитет во моментов.

Ова го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој вечерва гостува во емисијата „200“ на ТВ Алсат М.

„Во однос на овој случај има две работи кои се факт: првата е дека тоа се случи и ние го осудуваме. Втората е дека се претера во одмаздата и не може ние да не реагираме. Не можете вие да обвинувате луѓето коишто се обични вработени во Собранието, еве настрана да ги ставиме пратениците, луѓе коишто се дел од службите таму дека направиле тероризам против државата. Смешно е, бурлеска е целата работа. На улица да прашате никој не верува дека службеник во Собрание може да организира терористички акт“, рече Николоски.

На прашањето од новинарот дали партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе се извини за повредените луѓе и оштетувањата на Собранието, Николоски рече дека неговата партија не стои зад инцидентите и тие го осудиле тоа што се случило.

„Дури и заради нашата јавна осуда ние сме предмет на јавна осуда од некои порадикални структури во политичката партија или од нашите поддржувачи. Но тука ние во ниеден момент нема да се поколебаме и како партија никогаш не рековме дека обвинителството не треба да ги истражува инцидентите. Ние само протестиравме за начинот на којшто беше изведен притворот и условите во коишто беа држани луѓето“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.