Владата ќе ги распоредува 958 вработени според Рамковниот договор

27 март, 2018 | 18:30 часот | 655 прикажувања |

Од владината прес служба инфомираа дека на 61 седница на Владата на Република Македонија е разгледана и информацијата за распоредување на 958 административни службеници вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во институциите на јавниот сектор.

„Владата ги задолжи органите на државната управа и претпријатијата во државна сопственост, во најкраток можен рок да започнат постапки за преземање на вработените од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор“, соопштија од Владата.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за предлог договорот за доделување на државна помош за инвестицијата на германската компанија Leopold Kostal GmbH & Co. KG за реализација на инвестициски проект на територијата на Општина Охрид, како браунфилд инвестиција во постоечките капацитети на индустрискиот комплекс „ЕМО ОХРИД“, наменета за обука на вработени, тест производство и сериско производство на мехатронски делови составени од електроника, прекинувачи и конектори наменети за автомобилската индустрија.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно, и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и МЕР АД Скопје во најкраток временски рок да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар.

Владата го утврди Предлог-законот за енергетика и согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, донесе одлука предлог законот да го достави до Собранието.

Целта на законот во прилог на либерализација на пазарот со енергенси, меѓу другото, е да се поедностави учеството на трговците со електрична енергија и природен гас од други земји на пазарите во РМ преку регистрација во Регулаторната комисија за енергетика, и да се овозможи пристап и приклучувањето на трети страни на системите за пренос и дистрибуција на енергија што е целосно во согласност со барањата од директивите и регулативата на ЕУ.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за започнување на Проектот за изградба на комплекс Универзитетски клинички центар на локација во општина Карпош, и го задолжи Министерството за транспорт и врски, и соодветните институции и општина Карпош, да извршат измени во урбанистичките и катастарските и други планско урбанистичко – проектни документи за 2018 година.
Со оваа одлука на Владата, Министерството за здравство треба да му препорача на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, да формира Стручна комисија и да спроведе јавен конкурс за идејно решение на дел од комплексот Универзитетски клинички центар.

На денешната седница е утврден Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства. Овој предлог за ново законско решение има за цел обезбедување на сигурни, квалитетни и безбедни лекови за потребите на пациентите во Република Македонија од паралелен увоз, обезбедување на лесно достапни податоци за лекот на надворешното пакување за здравствените работници, како и пофункционално и поефикасно работење на Комисијата за цените на лековите.