Владата донесе одлука за раскинување на договорот за рудникот Казандол

27 март, 2018 | 16:38 часот | 976 прикажувања |

Владата денеска донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за рудникот Казандол на територијата на општините Валандово, Богданци и Дојран.

Договорот потпишан во февруари 2015 година со компанијата „Сардич“ е раскинат поради неисполнување на обврската од договорот, соопшти денеска премиерот Зоран Заев на конференција за медиумите.

Според Заев, не е исполнет условот за изградба на станица за производство на катоден бакар во рок од 2 години по потпишувањето на договорот, предвиден во членот 13.

Премиерот рече дека Република Македонија ова морала да го стори затоа што тој услов бил предвиден во тендерската документација, па Македонија би можела да биде тужена од учесниците на тендерот на кој ова било еден од главните услови за пријавување на јавниот повик.

На најавите дека „Сардич“ ќе бара отштета од 380 милиони евра на арбитражниот суд во Вашингтон, Заев одговори дека неисполнувањето на посебниот услов од тендерската документација, како суштествен дел од договорот, претставува сериозно прекршување на договорот.