Заев-Кнајсл: Постои интерес за нови австриски инвестиции во Македонија

27 март, 2018 | 14:44 часот | 441 прикажувања |

Премиероет Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Карин Кнајсл, сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Република Австрија, придружувана од Ренате Колбер, амбасадорка на Република Австрија во Република Македонија.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, се потенцирани добрите релации помеѓу двете држави на политички и на економски план и е изразено заедничко уверување дека е отворен простор за продлабочување на билатералната соработката во сите области.

Австриската министерка Кнајсл пренесе дека се забележани промените во државава, во насока на надминување на финансиските ризици и создавањето услови за фискална предвидливост, по политичката криза минатата година и дека постои мотив кај бизнис заедницата во Австрија, за нови инвестиции и отворање нови работни места во Македонија.

Министерката за Европа, интеграции и надворешни работи на Република Австрија, Кнајсл, рече дека нејзината држава ги поддржува интеграциите на Република Македонија и на Западен Балкан во ЕУ и дека фокусот на претстојното австриско претседателство ќе биде кон исчекори на државите од регионот на овој пат. Нагласено е дека Австрија гледа на Западен Балкан како на дел од Европа и дека во таа насока важно е поврзувањето меѓу државите и реформите што ги прават.

„Република Македонија отвори ефективен и ефикасен реформски процес за да го подобри квалитетот на живот на граѓаните применувајќи ги европските вредности и добрососедски политики, што го покажуваат постигнатиот Договор со Бугарија и разговорите што се водат на достоинствено ниво со Грција. Македонија и сите шест држави од Западен Балкан се посветени на меѓусебното поврзување и на пријателско решавање на билатералните прашања. Секоја од државите ја заслужува својата шанса на евроинтегративниот пат. Ја почитуваме многу поддршката од Република Австрија, којашто е еден од најголемите инвеститори во Македонија и во име на граѓаните на Република Македонија изразувам благодарност за поддршката што ја имаме во остварувањето на нашата стратешка цел, членство во ЕУ“, рече премиерот Заев.

На состанокот беше нагласена добрата соработка меѓу полициските претставници посебно на границата за надминување на предизвиците од мигрантската криза. Исто така оценета е за позитивен чекор во развојот на меѓудржавната соработка и најавената интерпарламентарна соработка. Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, преку министерката за Европа, интеграции и надворешни работи на Република Австрија, Кари Кнајсл упати покана за официјална посета на австрискиот премиер Себастијан Курц на Република Македонија.