Димитров: Протераниот руски дипломат излегол надвор од својот мандат

27 март, 2018 | 14:14 часот | 1.008 прикажувања |

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, денеска оствари средба со својата австриска колешка, Карин Кнајсл, по што следеше и заедничка прес-конференција на која Димитров ја образложи одлуката на македонското МНР да протера руски дипломат.

Македонскиот министер за надворешни работи нагласи дека оваа одлука е заснована на меѓународна солидарност, но за потегот имало и домашна основа.

Меѓународниот елемент е солидарноста во однос на случајот „Скрипал“, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија, рече Димитров. За домашната основа рече дека е поради тоа што се работи за лице што со своите дејствувања излегло надвор од својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.

„Ова беше реакција што е во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата. Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни“, рече Димитров, додавајќи дека се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

Шефот на македонската дипломатија јавно повика да не се шпекулира со идентитетот на дипломатот.

„Ќе има многу интерес околу идентитетот на дипломатот. Ние сме должни сме да го заштитиме и од почит на неговата држава Руската Федерација и заради личната безбедност на лицето, тоа ќе биде многу штетно ако се шпекулира. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди“, истакна Димитров.